Воведен дел: Првите почетоци на лабораториската дијагностика датираат од средината на 18век. но, вистинските почетоци на првичните анализи започнуваат многу поодамна. Доказ за тоа се многубројните пишани докази и слики во кои за прв пат теоретски се опишува составот, изгледот, како и промените на голем број телесни течности. Интензивниот развој на лабораториската дијагностика се поклопува со развојот на технологијата во 19век и почетокот на 20век. Медицинската лабораториска дијагностика во последните дваесетина години, предводена од технолошкиот напредок и иновативни практики, енормно брзо се трансформира и евалуира. Цел на трудот: Во оваа статија, предвидено како пленарно предавање на овие Октомвриски средби, ќе биде направен преглед на претходните и тековни трендови во лабораториската дијагностика. Етапно ќе биде евалуирана примената на различни алатки и инструменти, некогаш и сега, како и улогата и развојот на образовните трендови кои ја нагласуваат потребата од континуирана обука и развој и на самиот профил на медицински лаборанти и санитарни техничари. Посебен осврт ќе биде даден на примената на најновите техники како што е NGS (next-generation sequencing) тестовите за генетско секвенционирање кои даваат податоци за присуство или отсуство на одредени генски мутации кои може да бидат од големо значење за одредување на понатамошниот третман и терапија кај секој пациент. Истите овозможуваат сеопфатно и масовно секвенционирање на делови од генот, генетски секвенци или повеќе гени како генетски панели од целиот геном за многу кратко време. Исто така, опсервирана ќе биде и примената и интегрирањето на вештачката интелигенција (AI) во рамките на хематологијата, патологијата, микробиологијата, имунологијата како и раната дијагностика и превенција воопшто. Ќе бидат опсервирани севкупните придобивки но, и недостатоци од примената на истата. Резултат и заклучоци: Во последните десет години генетските тестови, како што е NGS-тестот, се клучни дијагностички и прогностички тестови особено во дијагностиката на ретките болести како и во објаснувањето на коплексните механизми за настанување на болестите. Автоматизацијата и примената на роботиката во лабораториската дијагностика нуди ефикасност посебно во делот на персонализираната медицина, но, истовреме и отвара многу прашања што е нотирано и во самиот наслов: Quo Vadis во лабораториската дијагностика или во превод каде одиме во лабораториската дијагностика?
Nevenka Velickova (Thu,) studied this question.