Антибиотската резистенција претставува глобален здравствен проблем, што води до значително намалување на ефикасноста во терапијата на различни инфективни заболувања предизвикани од бактерии. Со оглед на комплексноста на проблемот и за минимизирање на оваа појава, неопходен е мултидисциплинарен пристап од страна на сите учесници во здравствениот систем. За да ги оцениме информираноста и ставовите поврзани со употребата на антибиотици и проблемот на антибиотска резистенција подготвивме два структурирани анкетни прашалници. Истите беа доставени по електронски пат до 15 фармацевти/фармацевтски техничари и 13 пациенти. Прашалникот за пациентите беше составен од прашања кои се однесуваат на познавањата за индикациите, начинот на примена, времетраењето на терапијата со антибиотици и значењето на поимот антибиотска резистенција. Анкетниот прашалник наменет за фармацевтите вработени во аптеки од отворен тип содржеше прашања за трендот на издавање на антибиотици без рецепт, системот за следење на потрошувачката на антибиотици и ставовите на фармацевтите за ризикот од прекумерната примена на антибиотици. Согласно резултатите од обработените податоци од првиот анкетен прашалник, пациентите покажуваат солидно познавање за основите на рационалната употреба. Сепак, недоволното разбирање на траењето на терапијата и значењето на резистенцијата укажува на потреба од понатамошна едукација. Во однос на одговорите од вториот прашалник, фармацевтите изразуваат висока свесност за прекумерната и нерегулираната употреба на антибиотици, нагласувајќи ја потребата од постоење на построга регулатива и поголема едукативна улога на аптеките. Заклучно, резултатите упатуваат на неопходноста од интегриран пристап за спречување на антибиотската резистенција преку континуирана едукација на здравствените работници, јавно-здравствени кампањи, заострување на регулативата, имплементација на електронски системи за следење, лабораториска поддршка и хигиенски протоколи. Клучни зборови: антибиотици, пациенти, рационална употреба, резистенција, фармацевти.
Neloska et al. (Sat,) studied this question.