Сместен веднаш до влезот во Гевгелија, на десниот брег на реката Вардар, локалитетот Вардарски Рид – античка Гортинија со досегашните истражувања се афирмира како централна и најголема повеќеслојна населба од протоисториското и раноантичкото време. Локалитетот со интензивен и континуиран живот овозможува на едно место да се согледаат сите етапи од културниот развиток на Долното Повардарје од крајот на бронзеното време до падот на античката Македонска држава и воспоставување на римската доминација на овој дел од Балканот. Досега на локалитетот се откриени населбински и трговско-занаетчиски инсули, градската Стоа како дел од Агората на истиот, улици, плоштади, печки за керамика и метал, инфраструктурно уредување и други содржини од тип на населба. На врвот на Ридот 2 лежи акрополата на населбата, т.н. Централен комплекс околу кој е изграден внатрешен бедем со досега откриени две кули. Бедемот и кулите освен заштитна, имаат улога да ја потенцираат доминантната позиција и значењето на Акрополата и Централниот комплекс во однос на останатите делови на градот, кој со откривањето на пломбата со името на градот можеме да го сметаме како седиште на градската управа.
Slamkov et al. (Wed,) studied this question.